Во периодот од 14 до 16 декември 2017 година во Ќустендил, Република Бугарија се одржа завршна конференција на проектот „Бугарско-македонска меѓугранична соработка за градење на капацитетите за конкурентност и иновативност“.
На конференцијата присуствуваа повеќе од 100 учесници меѓу кои преставници на проектните тимови на четирите партнери на проектот, ангажирани експерти, консултанти и соработници на проектот, како и претставници од различните групи на стеикхолдери од приватниот, јавниот и граѓанскиот сектор.
Конференцијата беше отворена со поздравните обраќања на г. Јордан Беловодски од Стопанско-индустриската комора на Ќустендил, акад. Таки Фити, претседател на Македонската академија на науките и уметностите и проф. д-р Митко Димитров од Институтот за економски истражувања при Бугарската академија на науките.
Во текот на конференцијата од страна на г. Димитар Ташевски, директор на Фондацијата за развој на мали и средни претпријатија Куманово беа презентирани основните цели, главните активности и очекувани резултати од проектот.
Централно место на завршната конференција имаше презентацијата на добиените резултати од Анкетата која во рамките на проектот беше спроведена врз вкупно 300 локални фирми – 150 фирми од Североисточниот регион во Македонија и 150 фирми од Ќустендилската област во Бугарија, а која главно беше насочена кон аспектите на иновативноста, конкурентноста, регионалниот развој и прекуграничната соработка помеѓу двете земји-учеснички во проектот.
Едновремено на кофренцијата беа презентирани и препораки кои произлегоа во текот на проектот, а се однесуваат на конкретни предлози, решенија и сугестии во правец на подобрување на состојбите во областа на иновативноста и конкурентноста на двете земји. Препораките кои се составен дел на публикацијата се наменети за централната влада и локалните влади (единиците на локалната самоуправа) на Р. Македонија и Р. Бугарија.
Во текот на завршната конференција беа отворени и дискутирани прашањата поврзани со прекуграничниот развој и соработка, конкурентност и иновативност на локалните компании и администрацијата од двете земји како и прашањата поврзани со социо-економскиот развој на бугарско-македонскиот прекуграничен регион.