Меѓубалканските економски односи се особено важни за Бугарија и Македонија со оглед на нивната периферна положба во Европа. Затоа, креирањето и спроведувањето на политиката на регионална соработка, кои вклучуваат развој на економските и на прекуграничните односи, е победничко решение за двете земји. Ова делумно може да ги реши предизвиците со кои се соочуваат бизнисите во пограничните региони, а кои главно се однесуваат на мала и ограничена побарувачка на домашниот пазар, ниско ниво на капитал и проблеми поврзани со извозот, како и високо ниво на невработеност, особено кај младите луѓе. Направените прекугранични истражувања (Димитров, 2003, Тодоров, 2011), покажаа дека локалните власти, како и агенциите и коморите кои ги претставуваат бизнисите можат да бидат многу корисни за развојот на прекуграничните односи и поттикнување на регионалната активност во пограничните региони. Некои од активностите кои можат да придонесат во тој правец се: обезбедување информации за претпријатијата поврзани со извозните можности, помош на компаниите за воспоставување контакти со партнери од пограничните региони во соседните земји, како и организирање обуки за локалните фирми со цел подобрување на менаџерските способности. Главните заеднички придобивки од прекуграничната соработка ќе бидат зајакнување на економските и трговските односи, поттикнување на формирање и развој на мрежи за соработка од двете страни на границата, како и воспоставување на врски на овие мрежи со пошироките ЕУ региони. Може да се очекува дека спроведувањето на овој проект ќе биде основа на развој на прекуграничните односи во рамките на двете земји, што ќе придонесе за промена на структурата на деловните активности и премин од средина кадешто силните трговски врски преовладуваат во средина во која приоритет има производството на добра и услуги. Проектот ќе го идентификува иновацискиот потенцијал на компаниите од прекуграничниот регион, ќе направи анализа на сегашниот систем за поддршка на компаниите во областа на К&И и ќе обезбеди обуки за прашањата поврзани со К&И на селектираните компании, организациите за поддршка на бизнисите и институциите за поддршка на К&И.
Североисточниот регион во Македонија (МК) и Ќустендилската област во Бугарија (БГ) се меѓу најмалку развиените региони во соодветните земји. Постојат неколку стратегии и акциони планови за поттикнување на поголема вработливост, регионалната конкурентност и развој на малите и средни претпријатија во двете земји. Сепак, во наведените региони не постојат директни бенефиции кои произлегуваат од реализацијата на овие стратегии и акциони планови. Едновремено, не постојат доволно врски помеѓу локалните власти и бизнисите кои би ја олесниле и поддржале прекуграничната економска соработка. Целта на овој проект е да се подобри конкурентноста и иновативноста (К&И) на локалните бизниси преку развивање на заемно корисна прекугранична соработка помеѓу бугарските и македонските претпријатија.
Сумирано, проектот за прекугранична соработка ќе овозможи:
- Анализа на состојбата во областа на конкурентноста и иновативноста (К&И) на локалните претпријатија.
- Дефинирање на недостатоците во знаењето од областа К&И во рамките на претпријатијата, но, исто така и во рамките на јавната администрација, организациите за поддршка на бизнисот итн. Идентификување на добрите практики поврзани со К&И во прекуграничниот регион согласно методологијата на Светска банка.
- Развивање на капацитетите во областа на бизнисот и развојот на конкурентноста, претприемништвото и иновацискиот менаџмент.
- Имплементирање на алатките на иновацискиот менаџмент во пилот компаниите за поттикнување и олеснување на начините за обезбедување финансиски средства и развој на нови производи / услуги.
- Обезбедување на препораки и акциски план за развој на капацитетите за К&И во прекуграничниот регион.