На проектот се ангажирани четири партнери, а секој од партнерите има долгогодишно искуство и знаење од областа на конкурентноста и иновациите во двата региони.
МАКЕДОНСКА АКАДЕМИЈА НА НАУКИТЕ И УМЕТНОСТИТЕ (МАНУ)
Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ) е основана со Закон донесен на 22 февруари 1967 година од Собранието на Република Македонија. Академијата е формирана како врвна научна и уметничка институција во нашата држава, која го следи и поттикнува развојот на науките и уметностите и се залага за нивно унапредување.
Своите задачи Академијата, како врвна самостојна научна и уметничка институција, ги реализира со организирање фундаментални, развојни и применети истражувања, посебно со комплексни и мултидисциплинарни истражувања; организирање научни собири и уметнички презентации и објавување на резултатите од научните истражувања и собири, како и од уметничките истражувања. Академијата соработува со универзитетите, научните и културните установи, друштвата за наука и уметност и со други организации од областа на науките и уметностите во Републиката, со академии и со други научни и уметнички институции од странство.
Денес МАНУ има 42 редовни членови, 5 дописни членови и 37 истражувачи и научници, како и осум истражувачки центри кои делуваат во различни области на науките и уметностите. Во областа на економските науки МАНУ има изготвено Национална стратегија за долгорочниот развој на Република Македонија како и бројни секторски стратегии (Стратегија за извоз, Стратегија за развој на земјоделството, Стратегија за развој на енергетиката на Република Македонија, и др.)
Во изминатите две години во МАНУ се реализирани над 100 научноистражувачки проекти и повеќе од 100 уметнички дела.
Поголемиот дел од проектите и научни дебати поврзани со претприемништвото, иновациите и регионалниот развој во рамките на Академијата, се реализираат и одвиваат главно преку Центарот за стратегиски истражувања на МАНУ.
Центарот за стратегиски истражувања е научна единица на Македонската академијата на науките и уметностите, која е основана на 28 септември 2000 година. Со Центарот е лоциран во просториите на МАНУ и со истиот раководи редовен член на МАНУ. Во Центарот се вработени: еден виш научен соработник, двајца истражувачи – соработници и еден административен секретар. Научноистражувачката активност на Центарот е заснована врз широка база на постојани соработници од редот на академската заедница. За одредени проекти Центарот соработува со афирмирани експерти од земјата и странство, од областите на кои се однесуваат проектите.
БУГАРСКА АКАДЕМИЈА НА НАУКИТЕ
Бугарската академија на науките (БАН) е национална автономна асоцијација за научно истражување која вклучува академски институти и други независни истражувачки субјекти. БАН е најстарата институција во Бугарија, основана 9 години пред возобновувањето на бугарската држава. Основана е во 1869 година.
БАН е посветена на развојот на науката во согласност со универзалните човекови права и националните интереси на земјата и го промовира зголемување на интелектуалното и материјалното богатство на луѓето засновано врз целите на Националната стратегија за научни истражувања.
БАН развива прогнози и долгорочни програми за социјален, економски, научен, технички, еколошки и културен развој; дава мислење и проценки за проекти од национален интерес; објавува научни студии. Исто така, обуките на високо квалификуваниот персонал претставуваат важен дел од активностите на Академијата.
Институтите на БАН спроведуваат истражувања во следните области: Информациски и комуникациски науки и технологии; Извори на енергија и енергетска ефикасност; Нанотехнологии, нови материјали и технологии; Биомедицина и квалитет на живеење; Биодиверзитет, биоресурси и екологија; Климатските промени, ризици и природни ресурси; Астрономија, истражување на просторот и технологии; Културно-историско наследство и национален идентитет; Човекот и општеството. Институтот за економски истражувања на БАН е единствениот институт во областа на економијата во рамките на Академијата.
Во своето работење Институтот за економски истражувања на БАН е фокусиран на следните области: Регионалната соработка и интеграција, со посебен фокус на Југоисточна Европа; Регионален развој – процеси на конвергенција / дивергенција; Финансиски пазари и инвестициска политика; Макроекономски анализи и прогнози; Пазар на труд и миграциски процеси; Модели на трговија; Национална и регионална индустриска конкурентност (компаративни предности).
Применетите пристапи на Институтот вклучуваат: мултидисциплинарни, компаративни студии, применета економетрија, статистички методи, теории на социјално однесување, исто така, теренски истражувања, прашалници, студии на случај, итн.
Институтот за економски истражувања на БАН има воспоставено соработката со различни институции (агенции, министерства, општини), исто така, истражувачки институти, универзитети, невладини организации во земјата и странство. Институтот е координатор и партнер во бројни меѓународни истражувачки проекти, финансирани од страна на ЕУ, Светска банка, меѓународни организации, Швајцарија, САД, Јапонија, Кореја, итн.
ФОНДАЦИЈА ЗА РАЗВОЈ НА МАЛИ И СРЕДНИ ПРЕТПРИЈАТИЈА КУМАНОВО
Фондација за развој на мали и средни претпријатија Куманово е основана на 25.02.1999 год. Фондацијата е формирана по иницијатива на општина Куманово и Европска Унија (ФАРЕ програмата) со приматна цел поддршка и развој на малите и средните претпријатија во Североисточниот регион.
Фондацијата има учествувано во имплементација на ФАРЕ проекти во делот на МСП сектор во регионот.
Во изминатиот регион Фондацијата има реализирано повеќе активности поврзани со поддршка на малите и средните претпријатија во многу области од нивната работа.
Фондацијата има имплементирано повеќе проекти за невработени лица кои сакаат да отпочнат сопствен бизнис.
Фондацијата за развој на мали и средни претпријатија има 4.130 членови.
Фондацијата има воспоставено контакти со повеќе бизнис асоцијации, меѓународни организации кои спроведуваат проекти за поддршка и развој на МСП сектор, финансиски институции во земјата и странство, како и повеќе контакти со бизнис канцеларии на абмасадите на европските земји во Македонија.
Фондацијата е основач на Еуро регион Морава – Пчиња – Струма, организација за меѓугранична соработка помеѓу Бугарија, Македонија и Србија.
Активности:
- обезбедување на консултански услуги
- едукација, информирање и промоција на малите и средните претпријатија
- подготовка и имплементација на Владини проекти за развој на МСП сектор и проекти за самовработување
- подготовка и имплементација на проекти, стратегии, студии и истражувања наменети за единиците на локалната самоуправа
- подготовка и имплементација на ЕУ проекти
- финансиски и правни совети
Фондацијата има реализирано проекти во областа на економијата (МСП), Владини проекти за поддршка на малите и средните претпријатијаи самовработување (намалување на невработеноста и подобрување на квалитетот на живот), проекти за развој на претприемништвото, проекти во областа на конкурентноста и иновативноста, проекти за едукација, како и социјални, културни и бизнис проекти.
СТОПАНСКО-ИНДУСТРИСКА КОМОРА НА ЌУСТЕНДИЛ
Стопанско-индустриската комора на Ќустендил (KCCI) е основана во 1999 година и е регистрирана како невладина и непрофитна организација.
Нашата мисија е да се развие, унапреди и заштити економската виталност на регионот, преку создавање на позитивна и етичка бизнис средина, како и поттикнување на атмосфера во која ќе се развива трговијата, индустријата и земјоделството.
Комората е колективен член на Бугарската комора за трговија и индустрија и исто така е дел од заедницата на стопанските комори и индустријата во земјата и во странство. KCCI има добро искуство и традиција во работата со мали и средни претпријатија, како и обезбедување на услуги, информации, консултации и обука за новоотворени фирми.
Главни активности:
- Бизнис, информации и обука
- стручна обука
- квалификација, семинари и курсеви
- деловни средби
- организирање на бизнис делегации во земјата и во странство
- учество на меѓународни саеми и изложби
- презентации
- истражување на пазарот
- деловни контакти
- подготовка на документи и регистрација на трговски друштва
- пишување на бизнис планови
- KCCI учествува, преку своите претставници во работата на:
- Совети за трилатерална соработка
- Регионална комисија за работни услови
- Регионална комисија за поттикнување на вработување
- Регионалниот совет за регионален развој.
KCCI има потпишано договори за партнерство и соработка со Окружна администрација Ќустендил, Општина Ќустендил и Агенцијата за регионален развој во Ќустендил.